Финалистите од Вараждин на мегдан пред скопската публика

Во рамките на вонредното осмо коло од регионалната ракометна лига, вечерва македонскиот првак Вардар за првпат оваа сезона ќе се сретне со стариот познаник, Веспрем. Двете екипи во досегашните регионални настапи одиграле два нерешени натпревари, а Вардар има и два порази и една победа против Веспрем, онаа од Скопје во март 2015 година (28-21).

Токму последниот дуел меѓу двата ракометни гиганти значеше финале и затворање на успешната петта епизода од СЕХА натпреварувањето. Пехарот за два гола остана во Веспрем, а во новата сезона унгарците повторно се фаворити кога во прашање е регионалниот трофеј.

Вардарци не го прикажаа своето вистинско лице, и тимот на Гонзалес по првите две кола собра четири бода, со минимална победа над Металург и изненадувачкото реми против Мешков. Затоа Веспрем во својот прв дуел, гостувањето во Словенија, беше доминантен и го заврши натпреварот со пет погодоци предност пред словенечкиот шампион Целје.

Моќниот унгарски шампион несреќно загуби во финалето на Лигата на шампионите, откако имаше висока предност речиси во текот на целиот меч. Новото раководство е одлучно тоа веќе никогаш да не се повтори и затоа тие создадоа тим кој би можел да парира подеднакво на три фронта (домашното првенство, СЕХА и ЛШ) без да има последици на формата на ракометарите.

Оваа сезона двете екипи имаат драстични промени во своите редови. Од Веспрем единствено заминаa германскиот бек Заиц и шпанецот Гвардиола, но затоа новиот спортски директор Еклемовиќ доведе плејада нови ракометари предводени од Гајиќ, Копљар, Анчин, Благотиншек, Афлитулин, Милашевиќ…

Во Вардар се чуствуваат промените на играчкиот кадар. Од клубот заминаа искусни ракометари кои беа столбот на играта на „црвено-црниот“ колектив. Заминаа Тоскиќ, Брумен, Горбок, како и македонските репрезентативци Манасков и Лазаров, а пристигнаа Канелјас и Чупиќ како квалитетни засилувања, но и малку познатиот бразилски пивот Фереира како и некогашниот ракометар на Металург, Вуко Борозан.

Од плејадата нови ракометари, на првиот СЕХА дуел, во дресот на унгарскиот првак ги видовме само Гајиќ и Анчин. Вардарци пак, не можеа да сметаат на Македа и Абутовиќ, додека Деревен имаше мала минутажа во последниот дуел, оној против Металург. За натпреварот со Веспрем се очекува своето деби оваа сезона да го има и шпанецот Хорхе Македа кој се опоравуваше од повреда на задната ложа на ногата.

Од сите досегашни меѓусебни средби убедливо најрасположен шутер е левиот бек на Веспрем, Момир Илиќ, но и покрај тоа, во Скопје Вардар досега не загубил од унгарците во СЕХА лигата. Натпреварот започнува од 20:30 во спортскиот центар „Јане Сандански“.