Финален ден на Струга 2017: Шарт со шанса за одбрана на титулата, македонските тимови за бронзата

Стружани вечерва ќе го поздрават 45. шампион на традиционалниот интернационален турнир „Струга 2017“. По три дена полни со ракометни возбудувања, вечерва ќе се определи конечниот пласман на екипите кои во изменативе денови ја забавуваа ракометната публика покрај Охридското езеро.

Според резултатите по две одиграни кола, во првиот натпревар, за пласман на петто место на струшкиот турнир ќе се сретнат домаќинот РК Струга со шведскиот вицепрвак Алингсас. Дуелот кој ќе ја отвори финалната програма е закажан за 18 часот. Од 19:45 минути е закажан македонскиот дуел меѓу Охрид и Металург, кој ќе го даде третопласираниот тим на овој турнир. Големото финале е закажано за 21:30, а во борба за титулата на јубилејното издание на Струга 2017 ќе настапат турскиот шампион Бешикташ и бранителот на титулата француски Шарт.

Францускиот прволигаш Шарт втора година во низа дојде до финалето на интернационалниот ракометен турнир. Минатата сезона Шарт во возбудливо финале по изведување на ударите од седум метри беа поуспешни од Метлаург, а оваа година во финалето ќе се соочат со нов предизвикувач со педигре во Лигата на шампионите, турскиот првак Бешикташ.