Филип Лазаров: Извојувавме една многу важна победа благодарение на оваа публика!

Повредата на Миркуловски, отсуството на Мојсоски и Вугринец на последните два натпревара го префрлија товарот на еден од најискусните репрезентативци Филип Лазаров. Победата на Македонија е толку позначајна, бидејќи покажа дека без неколку клучни играчи Македонија може да се справи со предизвиците. По последниот квалификациски натпревар на кој Македонија ја завери картата за Европското Првенство во Полска, левиот бек на Вардар и македонската репрезентација го сумираше овој натпревар.

Игравме во грч на почетокот како да го чекавме моментот да влезе капитенот. Се создаваа позиции, меѓутоа промашувавме зицери и дојдовме до негативен резултат од -2, откога влезе Кире потоа започна да функционира подобро нападот, одбраната доби на самодоверба со неколку одбрани на Борко Ристовски и од тој момент па натака бевме во водство. Навистина беа тешки условите за игра, крај на сезона, меѓутоа извојувавме многу битна победа благодарение на оваа публика, македонската репрезентација навистина може да се пофали со многу добра публика.
Среќни сме сите, на крај обезбедивме пласман на Европското во Полска, меѓу 16-те најдобри репрезентации сме, се надевам ќе оствариме успех и таму.
Вистински шок за нас беше повредата на Миркуловски, знаеме колку е битен Миркуловски во одбраната, во организација на играта, изнудување на пенали и пробивања, би рекол највитален ракометар во репрезентацијата. Среќа капитенот се опорави на време и беше подготвен да ризикува денес, влезе во игра и не одведе речиси сам на Европското првенство, ни недостасуваше и Наумче Мојсоски… Ќе повторам среќа, во една ваква ситуација што сме пласирани на Европското првенство.