Фармацевтите ја најдоа формулата за успех: Е.Работник е друга класа за Пелистер

Во последниот натпревар од првото коло во машката Суперлига, Е.Работник го освои градското дерби против Пелистер со убедливи 22-33. 

„Фармацевтите“ одлично отворија и уште на самиот старт ги покажаа амбициите за новата сезона. Носени на крилата на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, одличната одбрана и индивидуалниот квалитет на останатите ракометари од помладиот битолски клуб, Работник уште на самиот почеток поведе со три голови разлика. Честите технички грешки на домаќините, (ракометарите на Пелистер) беа причина разликата постојано да се зголемува, па во 20. минута ракометарите на Чирковиќ ги достигнаа највисоките „плус шест“. Разлика која се задржа до крајот на првиот дел, кој заврши со конечни 9-15.

Ниту во вториот дел не се променија работите на теренот. На самиот почеток Е.Работник дојде до првата двоцифрена предност и ги реши сите дилеми околу победникот на овој натпревар. По првите шеесет одиграни минути во Битола, Е.Работник со победата од 22-33 над Пелистер ги запиша првите бодови оваа сезона.

Најпрецизен на теренот беше десното крило на Е.Работник, Милан Џукиќ со 13 погодоци, додека Кузмановски го следеше со 6 голови зад своето име.  Габонскиот интернационалец Табангует Черубин во своето деби не блескаше, но беше прв стрелец за својот тим со 5 голови.