„Фармацевтите“ од Битола најдоа лек за металурзите во Автокоманда

Ракометарите на Еурофарм Работник ја освоија Автокоманда во првото дерби во плеј-оф лигата и добија брејк против директниот конкурент за 2. место во првенството. Битолчани одработија одлично и во одбрана и во напад и казнија поголем дел од грешките на противникот, па на крајот со 32:25 стигнаа до трите бода.

Почетокот на средбата мина очекувано во менување во водство. И едниот и другиот тим имаа свои моменти, но главно се играше добро во одбраната, па затоа во првите десет минути имаше малку погодоци. Сепак, немаше ни можност за создавање на разлика со која некој од тимовите ќе можеше да дојде до предност која ќе овозможеше мирно продолжение на средбата.

Дури некаде на средина од првото полувреме дојде до првите почувствителни промени при што гостите беа тие кои го диктираа резултатот. Првата серија се случи после 8:8. Со три гола во серија составот на Еурофарм Работник успеа да се избори за водство од 11:8 и во финишот на првиот дел да влезе со убава предност.

Овие три гола разлика се чуваа речиси до крајот, кога после една грешка во додавање Пучник успеа да пресече и да стигне до гол за 12:13 и враќање во ритам во мечот. Очекувано првото полувреме донесе голема борбеност и надигрување, а и резултатот покажа дека сè мина во знакот на неизвеснсота.

Вториот дел од средбата донесе одличен почеток за гостите кои тргнаа посилно и за осум минути направија плус четири и поведоа со 19:15. До највисоките пет гола беше дојдено на 15 минути до крајот на мечот кога Кузмановски со шесттиот гол донесе 18:23.

Немаше ништо ново ниту во следнте 7-8 минути. Металург се обиде да се доближи, успеа да намали, но не и да продолжи во тој ритам. Место смирено да е бара простор за гол се брзаше, а таквата игра носи и грешки во додавања кои ги чинеа лош епилог на крајот. Еурофарм Работник успеа на седум минути до крај да ги одржи петте гола разлика и во завршницата да влезе со преднот од пет гола, 26:21.

Ваквата разлика гостите знаеја како да ја зачуваат и да се изборат за важна победа која им донесе бодови кои може да значат многу во битката за 2. место. Ова е триумф обезбеден во директен дуел против ривал кој се бори за пласман при врвот, па оттаму триумфот од 32:25 е максимално значаен. Особено е значаен бидејќи е обезбеден на гостински терен.

МЕТАЛУРГ – ЕУРОФАРМ РАБОТНИК    25:32 (12:13)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Томовски, Дупјачанец, Јагуриновски, Лазаревски, Димитриоски 1, Токиќ 2, Шилегов, Танкоски 7, Серафимов 5, Маџовски 3, Арсеновски, Стојановиќ 1, Миличевиќ 1, Шпенде 4, Пучник 1, Чориќ.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 4 мин.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Чаневски, Трајкоски, Ојлески 3, Маркоски 4, Петровски, Пецаковски 1, Талевски, Стјепановиќ 3, Кузмановски 8, Радовиќ 1, Чаневски, Кукоски, Остроушко 3, Бардакоски, Граџан 1, Ѓукиќ 7, Петровски 1.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 10 мин.