Уште едно успешно издание на ракометниот камп „Академија Металург“

Дваесет и шести јуни го означи крајот на најстариот летен ракометен камп во Македонија. Во две смени повеќе од 350 млади спортисти кои се дел од ракометната академијата „Металург“ во Охрид ги одработија последните тренинзи за оваа сезона. Преку игри, вежби и другарување, екипи од различни делови на Македонија заеднички го означија почетокот на летниот распуст. Во рамките на кампот се одржаа работилници за сите тренери кои се дел од оваа академија, па покрај младите надежни ракометари и нивните едукатори го збогатија своето знаење и се запознаа со насоките по кои треба да ги водат своите ракометни школи.
DSC0112_resize131

Кампот на Металург веќе се одржува традиционално, а екипата која работеше на овогодинешното издание задоволно ги сумираше впечатоците. Како дел од организацискиот тим на кампот ова лето беше Ана Нелоска, која даде завршна оцена за кампот:

“Имавме навистина добар камп, каде, покрај усовршувањето на ракометните вештини, се посвети големо внимание на забавата и дружењето на нашите деца. Беа организирани голем број на забавни игри, традиционалниот маскенбал на кампот на Металург, прошетки низ градот Охрид…Децата уживаа во секојдневната игра, во капењето во прекрасното Охридско езеро и сметам дека секој од нив долго ќе го памети овој камп“.

DSC0480_resize1
Веројатно еден од најодговорните лица, директорот на Академија Металург, Тони Ристовски со задоволство ја оцени организацијата на кампот како успешна, за поттик и мотив повеќе пред наредните предизвици:

“Мило ми е што продолжува традицијата на нашите кампови и што секоја година имаме се повеќе деца. Ако продолжи овој тренд, наскоро ќе мораме да размислуваме и за воведување на трета смена. Тоа што е најважно, сите деца се вратија живи и здрави, а кампот помина без никаков инцидент. Се обидуваме секоја година кампот да биде достапен за што повеќе наши деца, а посебно внимание посветуваме на нивната забава, нивното меѓусебно дружење, особено меѓу децата од различни школи, од Скопје и низ Македонија. Оваа година за децата се грижеше тим од вкупно 19 тренери на нашите школи, а на здравјето на децата внимаваа двајца доктори, кои ни беа на располагање 24 часа во денот. Следната година очекувам уште подобри резултати и уште поголема масовност“.