Учителот го нема, но учениците денеска еден против друг по трофејот во Келн

Раул Гонзалес одбра после два Ф4 турнири со Вардар и четири успешни години да тргне кон нови предизцици. Сепак, во Вардар остави одличен наследник во Роберто Парондо, кој изменетиот тим без неколку заминати ѕвезди успеа да го крене се чини на уште повисоко ниво со оглед на сите проблеми со кои се соочуваше во последните месеци.

Во своето време поминато во Скопје, Раул Гонзалес имаше двајца блиски соработници. И двајцата дојдоа на негово барање, а и двајцата покажаа колку добро успеале да го научат занаетот од својот ментор.

Двајцата му беа помошници

Давид Дејвис, денеска ќе биде на клупата на Веспрем. Тој дојде во Скопје веднаш по завршената играчка кариера за да му биде помошник на Раул во Вардар и почна да испишува успешна приказна. Беше со Вардар во 2017 година во Келн и ја освои титулата.

Роберто Парондо, кој го предводи Вардар, работеше како помошник на Раул во репрезентацијата на Македонија. Уште активен на теренот тој дојде во Македонија за да биде помошник во сениорскиот состав и брзо се забележа колку може да биде значаен во синџирот наречен Стручен штаб.

И двајцата играа со Вардар во Будимпешта

Роберто Парондо минатата година беше со женскиот состав на Вардар на завршниот турнир во Будимпешта каде што во финалето вардарки загубија од тимот на Ѓер после продолженијата со 26:27 откако беше нерешено, 20:20 во регуларните 60 минути. Претходно во полуфиналето Вардар го совлада Ростов Дон со 25:19.

Давид Дејвис, пак, беше  во 2016 година заедно со Индира Кастратовиќ. Пред три години Вардар загуби од ЧСМ Букурешт (потоа шампион) со 21:27, додека во мечот за 3. место го совлада Будуќност со 30:28.

Во прва сезона како први тренери обезбедија финале

И Давид Дејвис и Роберто Парондо сезонава првпат работат како први тренери во некој тим. Парондо тргна од почеток на сезоната со Вардар и ги одработи комплетните подготовки со тимот. Дејвис, пак, дојде во Веспрем како наследник на Љубомир Врањеш и брзо покажа дека е вистински избор за тимот од Унгарија.

И Дејвис и Парондо покажаа дека биле одлични ученици на Раул, но и дека во иднина можат да бидат добри професори и да ги водат своите ракометари до успех.

Двајцата од Вардар отидоа во Египет

Давид Дејвис уште додека беше дел од Вардар и помошник на Раул Гонзалес ја прифати задачата да биде селектор на Египет. Сепак, откако стана тренер на Веспрем тој мораше да се повлече од селекторската задача. Од пред неколку недели Роберто Парондо е новиот селектор на Египет и стратег кој ќе треба да ги предводи во следните сезони.