Ученикот го победи учителот: Шундо го надмудри Вујо во Струга

Звонко Шундовски и Веселин Вујовиќ со своите тимови ги одмерија силите во натпревар од 3. ден на турнирот во Струга. Шундо успеа да го надмудри Вујо и да го добие овој дуел така што на крајот се радуваше Констанца која славеше со 24:20. На тој начин се најде на чекор од место во финалето, додека Железничар најверојтно ќе мора во битката за 3. позиција.

Вујо и Шундо се поранешни селектори на Македонија, а двајцата работеа во тандем во 2007 година на Светското првенство за јуниори кое се одигра во Македонија. Тогаш Шундовски беше помошник на Вујовиќ, па сега само покажа дека има одлична екипа за добри резултати.

Почетокот од средбата им припадна на ракометарите од Романија. Екипата на Доброгеа Суд Констанца успеа да стигне до предност од 4:0. Ракометарите на Железничар осум минути чекаа за да стигнат до првиот погодок на средбата. До него дојдоа со гол од пенал, а потоа успеаја да фатат приклучок.

Во добар дел од првите 30 минути ракометарите на Железничар се доближија до два гола негатива, но не можеа да го направат чекорот кој им беше потребен за да стигнат до израмнување. Место тоа после 5:7 во 17. минута дозволија противникот да дојде до серија од 3:0 и во 23. минута да се изборат за најголемата предност во првиот дел од средбата. Констанца поведе со 10:5, но потоа за седум минути со нешто подобра игра од страна на ракометарите на Железничар беше обезбедена пристојна негатива на одмор од три гола.

Констанца имаше 12:9, а потоа на стартот на второто полувреме стигна до предност од четири гола. Ја чуваше оваа разлика до 15:11, а потоа Железничар влезе во подобар период. Успеа да намали до 15:16 во 41. минута, па полетаа првите искри на теренот. Вујовиќ и Николиќ влегоа во мал вербален дуел, а затоа си добија по две минути.

Израмнувањето кое го посакуваше тимот од Ниш дојде во 49. минута. Иако во тие моменти Железничар играше со ракометар помалку успеа да стигне до гол за нерешени 19:19. Тука дојде до три минути надигрување во кое немаше голови,  потоа Митревски запре зицер со што стигна до 12 одбрани од игра (вкупно 13) и на тој начин на нешто повеќе од шест минути до крајот екипата на Констанца стигна со 22:19 и најави победа на средбата.

До крајот предноста беше задржана, а воедно овие бодови најавија финале за Констанца бидејќи утре од 10 часот треба да одиграат средба против Струга. Со оглед на тоа што тимот од Романија е голем фаворит за победа финалето за тимот на Звонко Шундовски, Бранислав Ангеловски, Никола Митревски и Велко Маркоски ќе игра во битката за титулата.

ЖЕЛЕЗНИЧАР – ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА 20:24 (9:12)

Игралиште на „Женска плажа“ во Струга. Гледачи: 500. Судии: Исмаил Металари и Ненад  Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

ЖЕЛЕЗНИЧАР: Михаљевиќ (1 одб.), Димировиќ (5 одб.), Лазиќ, Јанковиќ, Миловановиќ 2, Сретеновиќ 2, Маџар 1, Вејин 4, Спасиќ 5, Савиќ 1, Бабиќ, Јевтиќ 1, Дамјановиќ, Џераниќ 1, Клајиќ 2, Бандука, Кнежевиќ

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 10 мин.

ДОБРОГЕА СУД КОНСТАНЦА: Митревски (14 одб., 1 сед.), Салдаценка, Василие (1 сед.), Малиновиќ, Нистор, Чиковани 6, Кевиќ 5, Вујовиќ, Тома 3, Црноглавац 1, Чутура 3, Цог, Николиќ 5, Сушану, Игнат, Маркоски 1, Мокану, Буручеа 1.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.