Управата на словенечкиот шампион задоволна: Бранко Тамше останува кормилар на Целје!

Бранко Тамше, тренерот на словенечкиот шампион Целје, ја продолжи верноста со управата на клубот до 2018 година. На денешната конференција за новинари претседателот и директорот на клубот го изразија своето задоволство од досегашната работа на тренерот и благодарност за неговата лојалност кон клубот.
Бојан Цизеј, претседател на РК Целје Пивоварна Лашко:
„Клубот е стабилен и работи одговорно и транспарентно со сите негови акционери. Како претседател и одговорна личност, можам само да кажам дека сум горд што водам толку успешен клуб, на таков транспарентен начин. Резултатот е продолжение на довербата меѓу тренерот и играчите. Бранко го превзема клубот минатата година на полусезона и го однесе во Лигата на шампионите. Од тогаш тој загуби само еден натпревар во словенечкиот шампионат, тимот функционира беспрекорно и се стреми кон визијата која ја зацртавме како клуб. Знаеме како треба да функционираме во иднина и сметам дека Бранко е дефинитивно вистинскиот човекот за таа позиција. Одлуката беше едноставна и задоволни сме што во нашата приказна се пронајде и Бранко.“
Бранко Тамше, тренер на РК Целје Пивоварна Лашко:
„Почестен сум со продолжувањето на договорот, но ова е голема обврска за мене, продолжување на патешествието со моите колеги, кои се одлични и единствени личности, како и целиот клуб Целје Пивоварна Лашко. Можам да кажам дека и понатаму ќе го давам максимумот, бидејќи секој тренинг е важен. Знаеме дека имаме многу млада екипа и ќе продолжиме да ја реализираме нашата визија. Мило ми е што ќе соработувам со млади ракометари кои имаат долгорочни договори, како мојот или подолго. Мораме да ги подигнеме на повисоко ниво, што би значело и подобри резултати. Сакам да се заблагодарам на сите во клубот за укажаната доверба, чест ми е што соработувам со такви амбициозни, зрели и посветени луѓе, како оние од Целје.“