Унгарците патуваат во Келн: Веспрем го совлада ПСЖ, и втора година по ред ќе игра на фајнл-фор!

Екипата на Веспрем уште еднаш докажа дека е несовладлива во својата Веспрем Арена, совладувајки го ПСЖ со резултат 34-28 (16-12), со што втора година по ред го потврди своето учество помеѓу најдобрите четири клубови во Европа.

ВЕСПРЕМ-ПСЖ 34-28 (16-12)

Гостите од Франција подобро го отворија натпреварот и со головите на Бараше и два на Гунарсон поведоа со 1-3, по три минути игра. Веспрем потсети зошто важи за еден од главните фаворити за титулата оваа година, правејки серија од 4-0 со која момците на Карлос Ортега поведоа со 5-3. ПСЖ цели седум минути немаше постигнато погодок а црната серија ја прекина Акамбре кој со два гола во серија успеа да израмни на 6-6 во 15-та минута. Од тој момент па до крајот на првиот дел Веспрем успеа да наметне комплетнна доминација, па со нова серија од 4-0 која ја отвори Гулијаш а ја затвори Чема поведе со 10-6 во 20-та минута. Предноста од +4 унгарците ја задржаа до крајот и на полувреме заминаа со резултат 16-12.
Во вториот дел Веспрем продолжи со цврстата игра, и со третиот погодок на Наѓ најпрво поведе со 19-13, а Момир Илиќ со својот седми погодок ги постави највисоките +8, (26-18) на средината на второто полувреме. Микел Хансен беше единствениот расположен ракометар кај ПСЖ кој постигна 11 од вкупно 16-те погодоци на неговиот тим во второто полувреме. ПСЖ успеа само да стигне на четири голови негатива, (30-26) на четири минути до крајот, но Маргуч со три гола во серија повторно го врати Веспрем на висока позитива за конечни 34-28. Со оваа победа Веспрем втора година по ред обезбедува пласман на фајнл-фор турнирот во Келн.

Најпрецизен на натпреварот беше Микел Хансен со неверојатни 15 погодоци, а во победничкиот состав на Веспрем Илиќ постигна 7, а Сулиќ 5 гола.

photo: EHF