Унгарски потоп за Шпанија

Унгарија направи мини изненадување и славеше убедлива победа против Шпанија во последниот натпревар од првата фаза на Европското првенство во Франција. Избраничките на Ким Расмусен доминираа во најголем дел од мечот и заслужено триумфираа со 32-26.

По првите десетина минути беше 9-8, потоа Планета, Ковачич и Богнар зголемија на 12-8 и бродот на Шпанија започна да тоне. До паузата Унгарија обезбеди солидна предност и замина на одмор со 19-14.

Во вториот дел продолжи шпанската криза, а Унгарија во два наврати имаше и +11 голови предност, па само опуштеноста во финишот придонесе Шпанките да го направат поразот поднослив. Мечот заврши 32-26.

Во победничката репрезентација доминираше Симонета Планета со осум голови од осум обиди, додека Надин Шатцл и Ноеми Хафра дадоа по пет. Во шпанската селекција Кармен Мартин даде шест погодоци, додека Соледад Лопез постигна пет.