Унгарките со ново засилување ќе гостуваат во Скопје: Марија Јовановиќ потпиша за Ференцварош

Искусната црногорска репрезентативка Марија Јовановиќ е нова ракометарка на унгарскиот вицепрвак Ференцварош, со кој потпиша договор на две години. Јовановиќ подолго време беше без клуб, откако си замина од францускиот Иси Париз, имаше шпекулации дека може и да ја заврши кариерата, но сепак ќе продолжи со настапи во унгарскиот тим.

Станува збор за 30-годишна ракометарка, која настапува на позицијата лев бек, а по потреба може да покрие и на среден бек. Кариерата ја започна во Медицинар, а потоа 5 сезони играше за Будуќност каде беше и капитен. Две сезони го носеше дресот на романската Валчеа, а исто толку играше и во Франција за Иси Париз.

Сега ФТЦ има квалитетна бековска линија во имињата на Јовановиќ, Нереа Пења, Зита Сучански и Сандра Зачик, па ракометарките на Вардар, иако се големи фаворити против унгарскиот клуб, ќе треба особено внимание во одбраната да им посветата токму на претходно споменатите.

Со оглед на тоа што подолго време беше без клуб, не се знае колку е физички спремна, но најверојатно ќе биде во составот на Ференцварош на првиот меч од групната фаза во Лигата на шампионите, веќе в петок кога унгарскиот тим ќе гостува во Скопје кај македонскиот првак Вардар.