Унгарија најде лек за Германките и направи „хаос“ во Групата 2 на ЕП

Репрезентациите на Унгарија и Германија одиграа интересен натпревар во Групата 2 на Европското првенство, а победникот се решаваше во последните моменти. Унгарките победија со 26:25 и на тој начин предизвикаа вистински „хаос“ во однос на пласманот бидејќи сега никој не може да биде сигурен во ништо.

Во најголемиот дел од натпреварот селекцијата на Унгарија беше во позитива. Имаше два до три гола предност и знаеше што сака во овој период. Сите обиди на Германките за фаќање приклучок не носеа резултат во овој период од средбата, па Унгарија лесно контролираше и имаше водство.

Првиот дел беше финиширан со резултат 12:10, а тоа не беше гаранција за мирна завршница. Напротив Германија се врати во мечот и во второто полувреме успеа да израмни. Тоа донесе интересен втор дел во кој Германија направи и пресврт и поведе со 21:20. Сепак, место ова да им даде поттик за финиш во мечот со победа отвори нов простор за Унгарките.

Во последната минута се влезе со 25:25, а Ноеми Хафра на девет секунди до крај ги постави конечните 26:25 со што бодовите беа за Унгарија која сега има четири поени исто колку и селекцијата на Германија.

На оваа средба Бланка Биро одбрани девет топки, а најефикасна кај Унгарија беше Викторија Лукач со седум гола. Кај Германките Алисија Штоле со девет гола беше убедливо најпрецизна, додека Дина Екерле го заврши мечот со седум интервенции.