Турнир „Миле Нешкоски“: Пролет со минималец против домаќинот, Пелистер конечно победи!

Вчера во Прилеп започна меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, кој трета година по ред се организира во градот под Марковите Кули во чест на прерано загинатиот ракометар. Во првото коло домаќинот Прилеп, кој во ростерот има шест нови играчи загуби минимално од Пролет со 24:25. Иако избраниците на Ице Соколески водеа во текот на целиот натпревар, два пати имаа и плус 5, 20:15 и 21:16, но гостите од Скопје со серија голови стигнаа до предност од 22:23, што до крајот ја задржаа за конечни 24:25. Најдобри во составот на Илија Темелковски беа Ласко Андоновски со 6 и Михаил Аларов со 5 голови, додека искусниот Јане Јанчев се истакна во составот на Прилеп, а по 4 дадоа Шајин и Тренчевски.

Во вториот дуел од вчерашната програма, тимот на Пелистер славеше конечно победа на пријателските натпревари. По поразите од Беса, Охрид и Металург, битолскиот тим го победи Борец со 33:26. Во првиот дел велешани го диктираа темпото, водеа и со 3 голови, но до паузата битолчани се одлепија на 13:11. Во второто полувреме Борец се врати на 14:14, но тоа беше се од нив и до крајот Пелистер немаше проблеми околу обезбедувањето на победата со конечни 33:26. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Златко Везенковски со 6 голови, Орјоникидѕе даде 5, додека кај Борец се истакна Давитковски со 6 погодоци.

25 август
Пелистер – Борец 33:26
Прилеп – Пролет 24:25

26 август
18:00 Пролет – Борец
20:00 Прилеп – Пелистер

27 август
11:00 Борец – Прилеп
13:00 Пролет – Пелистер