Тројца Македонци на терен меѓу Веспрем и Келце

Првата средба која денеска ќе биде одиграна на Ф4 турнирот во Келн ќе донесе интересен ракомет со оглед на тоа што тимовите кои веќе обезбедија титули во Унгарија и во Полска ќе се соочат во битката за место во финалето.

Овој дуел ќе го одбележи и моментот што ќе има тројца Македонци на терен.

Добро е познато дека за тимот на Веспрем настапува репрезентативецот на Македонија, Дејан Манасков. Тој ќе биде претставник во играчкиот дел, додека на теренот ќе бидат и арбитрите од Македонија, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Нив им припадна задачата да ја делат правдата во првото полуфинале со оглед на тоа што однапред се одредуваат судиите за сите четири средби, па ова е единствениот меч за кој пред почетокот се знаеше дека не постои опција за Вардар. Оттаму правдата ќе биде за Македонија на овој дуел, а потоа ќе следува и вториот дуел на кој вардарци ќе се обидат да се најдат во финалето.