Трилер меч: Црна Гора ја победи Србија, останаа шансите за полуфинале

Репрезентацијата на Црна Гора ги задржа шансите за пласман во полуфиналето на Европското првенство во Франција, откако прославија победа над Србија со 27-28.

На стартот на првиот дел Црногорките го диктираа темпото и водеа во еден момент со голот на поранешната вардарка Јованка Радичевиќ со плус три, 4-7. Беше и 5-8, но избраничките на Пер Јохансон не ја одржаа предноста и Србија по петнаесетина минути израмни на 9-9.

Десното крило на нашниот северен сосед и поранешна ракометарка на Металург, Катарина Крпеж, беше незапирлива во следниот период и погодуваше од тешки ситуации и од контранапади, па до крајот на полувремето, Србинките ја преземаа контролата и водеа со 15-12.

На стартот на вториот дел, Србија имаше 17-14, три пати промашија Лекиќ и Лавко за плус 4, а со тоа и дадоа шанса на Црна Гора да се врати во игра. Се изгубија на теренот девојките на Обрадовиќ и Црногорките набрзина израмнија на 19-19, а потоа се играше гол за гол до пет минути до крајот.

Тогаш Лекиќ повторно промаши, а Јауковиќ и Мехмедовиќ погодија во мрежата на Чолиќ за 24-26. Беше и 25-28 на две минути до крајот, а Крпеж и Стојилковиќ намалија на 27-28. Црногорките не погодија во последниот напад и им дадоа шанса за реми на Србинките, но тие погрешија и шансата отиде во неврат.

Најдобар стрелец кај Србија беше Катарина Крпеж со 12 голови, а четири даде Јелена Лавко. Кај Црногорките се истакнаа Ѓурѓина Јауковиќ, Мајда Мехмедовиќ и Милена Раичевиќ со по шест погодоци.