Трилер меч, многу голови и победа за Фуксе Берлин против Рајн Некар

Екипата на Рајн Некар Левен каде настапува Филип Талески одигра дерби натпревар во рамките на 32. коло од Бундеслигата. На гости „лавовите“ од Манхајм загубија од амбициозниот Фуксе Берлин со 34:33 и така му овозможија на овој противник да се доближи до место кое го води во Купот на ЕХФ.

Фуксе Берлин користејќи ја мотивираноста, но и предноста од својот терен од стартот започна со иницијатива од која Рајн Некар добро се бранеше. Гостите успеваа до одолеваат само 13 минути, пред домаќинот да направи најпрво серија од 5:0 за убедлива предност која до крајот на полувремето гласеше 20:14 во корист на берлинци.

Силвио Хајнефетер имаше свој ден и успешно ги неутрализираше обидите на Рајн Некар Левен со што му овозможи на својот тим преку контри да го „толчи“ противникот. И во вториот дел, Фуксе Берлин играше убедливо, речиси без грешка, а гостинот само бледо се обидуваше да се врати.

Од 50. до 56. минута, ритамот на Фуксе Берлин малку опадна, а и Хајнефетер не запиша интервенција, па истото беше одлично искористено од страна на Рајн Некар Левен кој преку неколку серии на погодоци стигна до минус два гола негатива и вистинска драма во завршните моменти во „Макс Шмелинг“ салата.

На резултат 34:32, играчот на домаќините, Кевин Штрук промаши прилика за ставање точка на средбата и еден напад подоцна Енди Шмид реализираше за минус еден со што во последната минута се беше возможно. Берлинци тргнаа во напад и обезбедија пенал кој не го реалзираа, и само бавната реакција на противникот и шутот по истекот на времето го спасија Фуксе Берлин.

Хајнефетер одбрани 11 пати, а Пол Друкс со осум гола и Ханс Линдберг со седум беа најуспешни берлински голгетери. Кај гостите, Талески не се запиша во листата на стрелците, додека Енди Шмид погоди осум пати.