Трилер завршница: Хрватска го слави јунакот Дувњак

Во последниот натпревар од четвртиот натпреварувачки ден во Рио, Хрватска во последните секунди од натпреварот со голот на Дувњак од пенал успеа да ги запише првите бодови. Противникот Аргентина со вториот пораз ќе ја предизвика моќната Франција во третото коло од ракометниот турнир.

Изненадувачки лошата игра на Хрватите им овозможи на Аргентинците да бидат во постојан чекор со составот на Бабиќ. До 20-та минута двете екипи се менуваа во водство кое не изнесуваше повеќе од два погодока. Сепак во финишот на првиот дел Аргентина создаде серија од 5-0 и минималниот заостаток го претвори во солидна предност од 14-10 во 25-та минута. Тоа беше знак за будење на заспаната одбрана на Хрватска која ги користеше сите грешки на противникот да се врати во игра. Хорват од пенал линијата во 29-та минута не успеа да ја доведе својата репрезентација на само гол негатива, затоа по грешката на Пизаро, Домагој Дувњак стави крај на првиот дел за конечни 15-14 за Аргентина.

Степанчиќ го отвори вториот дел со два брзи погодока за превземање на водството. Во слично темпо како првиот дел се одвиваше продолжението на натпреварот, играта гол за гол ги менуваше двете репрезентации во водство, за по 48 минути игра Хрватска повторно да дојде до два гола разлика (22-24, Штрлек). Но, ниту тоа не беше гаранција за мирна завршница, напротив во наредните две минути Аргентина го израмни резултатот, а во 52-та минута Пизаро ги одведе Аргентинците на гол предност, 25-24. Резултатската нишалка застана на нерешени 26-26 во 59-та минута, но тензичната атмосфера и нервозата во двете екипи кулминираше со кардинална грешка на еден од клучните аргентински ракометари. Грешка која од Пизаро наместо херој направи трагичар. Дувњак на 10 секунди пред крај украде топка, и беше фаулиран во контра-напад што резултираше со пенал и црвен картон за Портела. Токму Дувњак го реализираше пеналот за својот тим и во последните девет секунди им овозможи гол предност. Во бркотницата на истекот на мечот подобро се снајдоа хрватските ракометари, направија прекршок, а слободниот удар на Пизаро од 14 метри по истекот на времето беше лесен плен за Стевановиќ за конечни 26-27. Тука започна славјето на каубоите, кои ги запишаа првите бодови по дебаклот против селекцијата на Катар на отворањето на олимпискиот турнир.

Најпрецизен на дуелот беше Фернандез со осум постигнати голови, а ниту шестте погодоци на Пизаро и Пабло Симонет не беа доволни да се избегне пораз. Кај Хрватите стандардно Штрлек стрелаше прецизно седум пати, додека Чупиќ и Степанчиќ постигнаа по четири гола.

Во четврток од 19:40 Хрватска игра против Данска, додека Аргентина во петок од 00:50 ќе има тешка задача да им парира на олимписките прваци Франција.