Тренерот на Загреб, Касим Каменица воодушевен од 5-1 одбраната на Вардар

Екипата на Загреб доаѓа во Скопје да одигра два меча во нешто повеќе од 48 часа, а првиот е в недела во Лигата на шампионите против Вардар. Загреб ќе остане во Македонија до вторник кога следува и дуел од СЕХА-лигата против Металург, па тренерот Касим Каменица ќе има многу работа деновиве за да ги подготви и одмори своите ракометари за двете важни средби.

Првиот е од поголема важност, но тука и самиот Каменица знае дека ќе има тешка задача за да успее да се избори за бодови.

„Не очекува дуел против Вардар кој е европски првак. Минатогодишниот тим на вардарци не е нарушен туку имаат само една измена. Можеби загубија некои елементи со Душебаев со кого имаа брз проток на топка кога беа во напад заедно со Карачиќ и Циндриќ, а сега со Криштопанс и Македа имаат нешто побавна бековска линија. Сепак, добија многу во фазата на одбраната. Таа 5-1 со Кањелас напред, со Криштопанс и Борозан на халфови и Абутовиќ како центар изгледа фасцинантно посебно кога Штербик е во елемент. Тогаш е навистина тешко да се види голот, а уште повеќе и да се пробие до шесте метри“, вели Каменица.

Тој е сигурен дека неговите момци ќе дадат максимум, а се надева дека ќе имаат и сојузник во среќата или во некој друг елемент.

„Не одиме во Скопје за да се предадеме. Сакаме да го поправиме впечатокот. Ќе влеземе во мечот за да се надигруваме и без оптоварување да го дадеме максимумот. Доколку противникот има лош ден  и ако ни се укаже шанса тогаш да ја искористиме“.

На овој дуел доаѓаат после поразот од ПИК Сегед, а за овој меч имаше многу критики на сметка на играчите.

„Имаме малку специфичен статус. Не успеавме да ја изненадиме екипата на ПИК Сегед и да дојдеме до победа која ќе беше многу важна. Сепак, некои работи ги одработивме добро и не би се согласил со толку големите критики кои ни беа упатени. Особено за играта во второто полувреме кога примивме 11 гола што е тешко против врвните екипи. Од друга страна користевме некои играчи на кои може сериозно да се смета во иднина“.

Што се однесува до дуелот кој ќе се одигра в вторник од 20:45 часот против Металург во СЕХА-лигата таму очекува далеку повеќе.

„Мечот со Металург ни доаѓа во згуснат термин. И Металург игра меч во Лигата на шампионите, но има ден одмор. Овој тим е помлад од нас и е во нешто полош статус од нас. Ние мораме да бидеме свесни дека прокоцкавме некои бодови во СЕХА-лигата и нема калкулации. Во вторник мораме да одиме по три бода и да дојдеме до победа која ни е многу потребна. Мора да покажеме дека овој состав има потенцијал и кога ќе се комплетира да покаже дека може далеку повеќе“, заврши Каменица.