Тренерот на Бешикташ е задоволен: Во еден момент го демотивиравме противникот

Претставникот на Турција во Лигата на шампионите, Бешикташ со два бода си заминува од Скопје после победата од 31:27. Задоволството е големо, а тоа не го криеја ниту тренерот ниту Прибак после средбата.

„Игравме против млад и динамичен тим. Играа брз ракомет. Нашиот најголем проблем беше што правевме грешки во одбраната. Но, потоа почнавме да играме дисциплинирано, игравме добро, постигнавме голови од контра. Тука беше и голманот кој добро се покажа. Во еден момент и го демотивиравме противникот. Ова беше добар натпревар, како и да е, честитки за Металург“, изјави тренерот на Бешикташ, Мевлут Арин.

Поранешниот член на Вардар и македонски репрезентативец, Немања Прибак го потврди она што го искажа и за 24ракомет.

„Ова беше меч од два противника кои играат на исто ниво. Ние сме малку поискусни, но Металург е екипа што трча повеќе. Добро го отворивме мечот, имавме расположен голман, ги казнивме грешките на Металург. Можеби не беше интересен меч со интересен крај, но среќен сум и благодарен на сите. Исто и благодарност до публиката. На Металург му посакувам среќа, мислам дека имаат добра иднина“, изјави Прибак.