Трансфер бомба на повидок: Сања Дамњановиќ ново засилување на Вардар ?!

Српската репрезентативка и лев бек на Виборг, Сања Дамњановиќ преку социјалните мрежи се збогуваше со сите дански љубители на ракометот и според добро упатени извори од наредната сезона ќе му се приклучи на македонскиот шампион Вардар.
Дамњановиќ во изминатите две сезони настапуваше за данската екипа Виборг, каде ја освои двојната круна, а во својата богата кариера има настапувано за Крим Меркатор, Подравка, Зајачар, Ниш и Раднички. За квалитетот на 27-годишната репрезентативка на Србија говори и изборот во „ол-стар“ тимот на Европското првенство 2012 и Светското првенство 2013 година, кога Србија го освои сребрениот медал.
Во дресот на Вардар веќе две сезони настапува нејзината репрезентативната колешка Андреа Лекиќ, а по пензионирањето на Јулија Николиќ се отвори простор да се доведе нова свежина на левата бековска позиција каде како прв избор е најдобрата поединка на „црвено-црните“ оваа сезона, Андреа Пенезиќ.
Деталите околу договорот ќе бидат обелоденети во наредните денови.

ФОТО: Марко Метлаш