Тимур Дибиров: На оваа генерација и е судено секогаш да игра до крај

Ракометарот кој дојде во Вардар кога почнуваше неговото градење и учествуваше во сите добри и лоши моменти, Тимур Дибиров потврди дека како што очекувале ова била тешка средба по која успеале да се радуваат.

„Очекувавме да биде многу тешко. Се виде дека и Пик Сегед имаше и девет гола разлика. Веројатно за оваа генерација на Вардар е напишано да игра секогаш до крај. Во ниту еден момент не бевме во паника и направивме кам-бек и потоа во последните минути само го чекавме крајот за да се израдуваме. Ова значи многу за нас бидејќи ова е повеќе од обично одење на фајнл-фор. Ова е емотивно простување со Вардар. Веројатно таа верба ни помогна да се вратиме од мртвите“, коментираше Дибиров.

Тој потврди дека осумте гола помогнале многу, но дека докажале дека се колектив и дека имале одлична хемија во екипата.

„Никогаш не знаеш како ќе го почнеш и ќе го завршиш натпреварот. Верувавме дека имаме повеќе во себе од ракомет и од спорт и тоа ни дојде како награда. Среќни сме што докажавме дека во спортот е важен колективот, хемијата и љубовта“, изјави Дибиров.

Завршниот турнир од Лигата на шампионите годинава се игра на 1 и 2 јуни.