Тиери Анти покажа кој е газда во Спортинг, му даде шут карта на капитенот

Тимот кој ќе гостува во Битола во 1. коло од новата сезона од Лигата на шампионите, Спортинг од Лисабон тргна со големи промени. Новиот тренер, Тиери Анти, кој седна на клупата пред неполн месец веќе почна да го крои тимот за следната сезона. Иако пред само два месеци капитенот Карлос Карнеиро го продолжи договорот за уште две години дојде до неочекуван пресврт и тој веќе е ослободен од обврските кон клубот.

На Карнеиро му било соопштено дека новиот тренер не смета на него за следната сезона. Тиери Анти не го вклучува играчот во ниту една комбинација со образложение дека тој бара друг тип на играч за средната бековска позиција.

Карлос Карнеиро има 37 години и изненадувачки заминува од Спортинг после четири сезони во клубот од кои две беше капитен. Тој својата кариера ја има почнато во Виторија Гимараеш. Одлуката за ослободување на Карнеиро не сакаа да ја коментираат ниту играчот ниту тренерот.

Ова е петти играч кој го напушта Спортинг во пресрет на следната сезона. Претходно тимот го напуштија Педро Сола, Бошко Бјелановиќ, Фабио Чиуфа и Клаудио Педросо. Според ова очигледно е дека Тиери Анти си подготвува тим според неговите желби и замисли и сосема очигледно е дека сака да покаже дека тој ќе биде газда на теренот на кого никој нема да може да му противречи.

Како ќе изгледа екипата за наредната сезона останува да се види до крајот на летото.