Темелковски: Можевме да славиме и поубедливо

Maкедонскиот претставник во Челинџ Купот, Еурофарм Работник извојува победа од 28:24 против литванскиот претставник Гранитас Каунас и пред реваншот следната сабота има предност од 4 голови разлика. Имаа момците на Темелковски и плус 6, па тренерот на битолчани жали за пропуштената шанса за повисока победа.

„Жалам што не забележавме поубедлива победа, бидејќи имавме напад за +6, избрзавме и примивме гол во последната секунда. Мора да бидеме поконцентрирани во вакви ситуации и не треба да грешиме на очигледен начин. Но, сега знаеме како игра Гранитас, знаеме дека нивните бекови шутираат од сите позиции, а ние ќе бидеме посилни и за Крстевски, кој денес не можеше да настапи. Во вториот дел го повлеков Мсквилидзе, игравме без левак, бидејќи противникот дејствуваше брзо и ми беше потребен ракометар кој може да игра во два правци. Сепак, не сум песимист, не очајувам, верувам дека со добра пристап можеме да славиме и во Литванија.“ – вели Темелковски.