Темелковски: Индивидуалните игри на поединци не носат ништо, мора да играме тимски

Откако пред 15 години му го донесе најголемиот успех на македонскиот репрезентативен ракомет во младинските категории, Илија Темелковски, ќе се обиде и со оваа генерација на Талески, Кузмановски, Нелоски, да го повтори историскиот успех од ЕП во Полска во 2002 година. Тогаш генерацијата на Горан Кузмановски, Филип Миркуловски, Митко Стоилов, Борко Ристовски, Иван Арнаудов, Марко Шеќеровски…го освои четвртото место само поради несреќниот пораз во полуфиналето од домаќинот Полска. Тогаш Македонија беше пласирана пред репрезентации од типот на Хрватска, Данска, Русија, Романија, Чешка…Како ќе биде во Алжир останува да видиме од утре па до 30 јули. Една работа е заедничка за тоа ЕП и за ова СП, а тоа е селекторот Илија Темелковски. Тој е делумно задоволен од работата на младинците за време на подготовките.

„Доколку имавме повеќе пријателски натпревари како овие против Катар, ќе имав појасна слика за нашите можности. Конкренто со Катар игравме топло ладно, не бевме константни, знаевме да примиме неколку голови во серија, а знаеме да дадеме исто така во серија. Имаме водство, и одеднаш не фаќа трема, деконцентрација. Не бевме цврсти во одбрана и сигурни во напад. Треба да ја подобриме транзицијата, да бараме лесни голови. Да биде тоа плод на тимска игра, а не на индивидуални акции. Мораме да играме дисциплинирано во напад. Од Катар научивме дека треба многу повеќе да се бориме, да трчаме, дека индивидуалните игри на поединци не носат ништо и да направиме подобра атмосфера во смисол дека ние имаме добра генерација, но не само на хартија, туку тоа да го покажеме на теренот.“ – вели Темелковски.

Прв противник на Македонија ќе биде Русија, а таа репрезентација е анализирана.

„Направивме анализа на Русија, другите не ги анализиравме многу. Се работи за една пристојна селекција, со многу високи играчи. Се подготвуваме и во одбрана и во напад за нив. Тие се една шутерска селекција, со опасни десен и лев бек. Мораме да организираме добар напад на висока 6-0 одбрана. Се надеваме дека сме поквалитетни од Буркина Фасо, па по ден пауза, ќе имаме време да се подготвиме за следните три противници Шпанија, Тунис и Бразил. Ќе одиме натпревар по натпревар и ќе размислуваме само за нашата игра и за корекциите што треба да ги направиме.“ – заврши Темелковски.

Македонија го почнува настапот на Мундијалот во Алжир со дуел против Русија, утре во 15 часот.