Текстилец му зема мерка на Партизан, гевгеличани остануваат на дното

Текстилец славеше во пресметката против Партизан, што беше втора победа по ред по онаа против Куманово. На свој терен во Штип тимот предводен од Давче Пенев победи со убедливи 37:27 и дополнително ги поткрена шансите за опстанок.

Едноставно сезонава Партизан е недораснат противник за сите екипи во Првата лига. Се наоѓа на дното на табелата во плеј-аут зоната и ќе има тешка битка со Куманово во обид да го избегне последното место. Во идентичен тек за тимот од Гевгелија започна и оваа средба.

Стартуваа со 2:2 по што примија неколку погодоци и Текстилец се одвои. Домаќините имаа висока предност и истата ја одржаа на полувремето кое го добија со 17:13. Тие четири гола разлика иако се чинеа достижни сепак не беа.

Набрзо во вториот дел, Текстилец замина и на поголема разлика за радост на домашната публика и висок триумф. Мечот го обележаа 11 гола на Васе Петров. Кај Партизан најдобар беше Михаил Брзанов со осум.