Текстилец дома е непобедлив, и Куманово помина на редот

Ракометарите на Текстилец од Штип во оваа сезона играат многу подобро од лани и до 7 коло запишаа 5 победи. Последна „жртва“ беше Куманово кој загуби во Штип со убедливи 34:21, иако на полувреме имаше активен резултат, 11:9.

Водеа гостите и со 5:8 во првиот дел, но следуваше домашна серија за 9:8. Израмни Куманово на 9:9, но Текстилец беше поумешен во финишот и поведе со плус 2, 11:9. Во вториот гостите се држеа до 15:13, а беше и 18:16.

Клучниот период беше по 40 минута, кога штипјани со серија од 6 голови стигнаа до предност 24:16 и веќе беше познат победникот. До крајот домашните постигнаа уште 10, а гостите уште 5 голови, за конечни 34:21.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Васе Петров со 13 голови, а 7 даде Дарио Јорданов, додека кај Куманово се истакна Даниел Несторовски со 5 голови, а Христијан Димовски 4 пти се запиша во листата на стрелци.