Тежок пораз за струмичани во Полска: Судиите “кумуваа” на високиот пораз на Зомимак М

Екипата на Зомимак-М доживеа висок пораз од 35:24(15:13) во првото квалификациско коло од ЕХФ купот против полски Горник Забрже.

Струмичани со голема мотивација влегоа во овој натпревар, сакајки да се изборат за што подобар резултат пред реваншот кој на 13 септември се игра во Струмица. По одличното прво полувреме во кое на моменти нашиот тим имаше и водство од еден гол разлика, на полувреме се замина со водство на домаќинот од два голови разлика 15:13.

Се до 40 минута од натпреварот Струмичани одржуваа чекор со противникот од Полска, што ветуваше добар резултат пред реваншот. Но според изјавата на првиот човек на Зомимак М, Славе Гошев, во останатиот дел од натпреварот унгарските судии Петер Херцег и Петер Суди директно “кумувале” на конечниот резултат на овој натпревар.

Оваа што се случи во Полска е срам за ракометот. Невидена судиска кражба од страна на двајцата судии и делегатот кој кумуваше на настанот. Колку треба за да го платиме нашиот цех од лани. Дали некој во Македонија не сака или не му одговара трета силна екипа од Македонија? На крајот на краиштата ако ние ја немаме подршката од нашите луѓе во ЕХФ пак зошто се тие таму? Ве уверувам како директен гледач на утакмицата дека резултатот не е ни оддалеку близок со реалноста

Најпрецизни ракометари во составот на Зомимак-М беа Чантурија и Везенковски кои постигнаа по седум голови.