Тасески: Фаворитската улога не значи ништо на вакви дуели

Македонскиот ракометен викенд ќе помине во знакот на езерското дерби во Суперлигата меѓу Охрид и Струга. Тимот на Андон Бошковски се врати сезонава во најелитната конкуренција и по подолго време ќе може да се проследи едно вакво регионално дерби. Кружниот напаѓач на Охрид, Иван Тасески смета дека на вакви натпревари нема фаворит.

„Последните резултати на екипите и улогата фаворит не значат ништо кога се работи за пресметките помеѓу Охрид и Струга. Една од причините поради кои го засакав и заиграв ракомет на професионално ниво се дуелите помеѓу Охрид и Струга. Моите почетоци беа задоени со ова дерби и знам дека победата вреди многу повеќе од трите бодови. Очекувам тврд и неизвесен меч, а верувам во нашите квалитети и во победа“, изјави Тасески.

Натпреварот меѓу Охрид и Струга, кој се игра вечерва во СРЦ „Билјанини Извори“ од 19:30 часот, ќе биде зачинет со прсуството на двете навивачки групи – „Рибари“ и „Паткари“. Правдата ќе ја делат најдобрите македонски судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Фото: ohridnews.com