Танкоски на првиот тренинг во Автокоманда, арбитражата е во тек (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец Марио Танкоски ги започна подготовките за новата сезона со составот на Металург. Младиот стружанец се појави на првата прозивка на новиот тренер Дамир Стојановиќ и ќе биде дел од клубот до конечната разрешница на жалбата која играчот ја започна пред дисциплинската комисија на РФМ.

Средниот бек на Металург кој веќе потпиша договор со битолскиот суперлигаш Еурофарм Работник,  побара предвремен раскин на договорот со Металург во РФМ. Првата одлука на арбитражата на РФМ беше во корист на Металург. Ракометарот по неколку месеци ја започна и втората постапка за предвремен раскин на договорот пред арбитражната комисија, а одлуката треба да биде соопштена секој момент.

До конечната одлука на РФМ, Марио Танкоски ќе тренира со првиот тим на Металург, а дали ќе остане во Автокоманда или од септември ќе биде ракометар на Еурофарм Работник, одговорот го има арбитражната комисија.