Талески за 24Ракомет: Имаме уште многу да покажеме заедно со Брестовац

Македонија денеска го игра вториот натпревар против Исланд, а четврти во квалификациите за пласман на Европското првенство. По триумфот во Рејкјавик, победа и во Скопје ќе не однесе на уште еден континентален собир.

Левиот бек Филип Талески смета дека сега притисокот е на наша страна.

„По 13 години Исланд загуби на домашен терен и тоа е голем успех за нас. Знаеме дека денеска ќе биде потешко отколку во Рејкјавик, но ќе имаме и притисок на наша страна. Таму знаевме дека нема што да загубиме, отидовме да се надигруваме, покажавме дека знаеме да играме и на крај се вративме со победа. Во Скопје ќе треба максимално да одиграме 60 минути за да победиме“, вели Талески за 24Ракомет.

Поради слабиот ден против Македонија, Исланд ги смени голманите во ростерот.

„Се надевам дека ќе имаме добра реализација. Иако доаѓаат со нови голмани, сепак не смееме да ги потцениме и мораме да бидеме максимално фокусирани при шутирањето“, продолжува Талески.

Бекот на Рајн Некар вели дека одлична е соработката со Брестовац и дека може да направи уште многу успеси со репрезентацијата.

„Одличен потег беше назначувањето на Данило Брестовац за селектор. Тој знае да работи, тоа е факт. На пример на првиот меч направи одличен потег кога ја смени одбраната од 5-1 во 6-0 и тоа вроди со плод во вториот дел. Сигурен сум дека заедно со него имаме уште многу да покажеме“, заврши Талески.

Натпреварот меѓу Македонија и Исланд се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот.