Сè што шутна Кире влезе, но Нант само со бод против Рајн Некар

Кире Лазаров конечно ја доби својата вечер во тимот на Нант и успеа да постигне шест гола од шест шута, но тоа не беше доволно за победа туку само за реми против Рајн Некар од 26:26.

Во интересен натпревар во 3. коло Нант успеа да освои бод против Рајн Некар откако голманот Думолин успеа да му одбрани пенал на Шмид на неколку секунди до крајот на средбата. Гостите од Германија прокоцкаа убава предност така што може да жалат за пропуштеното на оваа средба бидејќи имаа и четири гола позитива во второто полувреме.

И двете екипи имаа свои моменти, а Рајн Некар постојано беше во предност. Домашните израмнија дури на почетокот на последната минута кога составот од Германија ја загуби позитивата, но го имаше последниот напад. Добија пенал, но Думолин беше поумешен од Шмид, а немаше време за напад на домашните, па двете екипи мораа да се задоволат со по еден поен.

За разлика од Лазаров кој имаше шест гола со кои беше најефикасен кај домашните, а втор стрелец на мечот после Шмид (седум гола), Филип Талески не доби можност да игра, па остана без гол.