Сè е полесно со Талевски и Кузмановски

Македонската младинска репрезентација ја совлада репрезентацијата на Бугарија со високи 31-15(16-4) на првиот контролен натпревар во рамките на подготовките за квалификациите за Европското првенство во Данска.

Противникот не беше сериозен испит за можностите на македонските младинци, но задачата беше сериозно прифатена од страна на стручниот штаб, па во составот на Македонија настапија и Талевски и Кузмановски. Уште на самиот почеток на првиот дел Македонија создаде предност од 3-1 (Кузмановски 4’), до 10-та минута избраниците на Јовиќ имаа четири погодоци разлика (Талевски, 6-2), а веќе во финишот на првиот дел создадоа двоцифрена предност (13-3). На истекот на првите триесет минути водството на Македонија достигна до највисоки 16-4, одраз на квалитетот на двете репрезентации. Во првиот дел речиси половина од головите за домаќините ги постигнаа Талевски и Кузмановски, ракометари кои ќе се приклучат на А-репрезентацијата во подготовка за квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Рио.

mkdvsbug slika-

Во вториот дел Македонија продолжи со добрата игра и до 47-та минута дојде до највисоките 26-8. Во комплетна доминација изминаа и вторите триесет минути, кои Македонија ги одигра без Талевски и Кузмановски, за конечни 31-15.

Бугарија само покажа дека не е соодветен противник за вистинска подготовка на македонските надежи пред европските искушенија на почетокот на април. Најпрецизен во составот на Македонија беше Талевски со пет, потоа Палевски, Димитриоски, Трпчевски и Јагуриновски постигнаа по четири, Велковски постигна три, а Крстевски и Кузмановски по два гола. По еден погодок во победата на Македонија додадоа Кукуловски, Давитковски и Анастасовски. Томовски кој бранеше во првиот дел забележа шест успешни интервенции, Даниловски во половина од вториот дел имаше седум, а Кизиќ кој бранеше во последниот период имаше три успешни интервенции.

Во составот на Бугарија најмногу се истакна Балчев со четири погодоци.

Утре од 12:00 Македонија ќе го одигра и вториот пријателски натпревар против истата репрзентација во спортската сала Автокоманда.