Сè е во рацете на „црвено-црните“: Шест голови стојат меѓу Вардар и четвртфинале

Македонскиот вице-првак си ги закомпликува работите на 1/8 финалениот дуел во Плоцк, по првите шеесет минути Вардар има негатива од шест голови. Во „Јане Сандански“ ќе мора да ги поправи грешките во нападот и да ја зацврсти одбраната која денес пропушти 32 погодока.Висла Плоцк 32-26 РК Вардар Скопје (14-12)

Почетокот не најавуваше таква завршница, Вардарци имаа предност по првите десет погодоци на натпреварот, но Висла ја превзеде контролата над играта и резултатот на семафорот веднаш го доби посакуваниот тек за домаќините. По првите триесет минути Висла броеше до 14, а Вардар заостануваше за два погодока.
Клучни беа првите 15 минути од вториот дел, на крилата на одличниот Коралес домаќините го полнеа голот на „црвено-црните“, додека ракометарите на Вардар постигнаа само еден погодок во првите 10 минути. Работите не се променија ниту во продолжение на натпреварот. Последните пет минути ги освестија македонските ракометари и високата предност на домаќините ја сведоа на шест голови разлика за конечни 32-26.
Душебаев постигна 10 погодоци за „црвено-црните“, а Дибиров го следеше со пет. За домаќините Никчевиќ постигна шест погодоци.
Реванш натпреварот е закажан за 21.03.2015 во сабота со почеток од 20:15.

ФОТО: www.sprwislaplock.pl