Супер Глоуб турнирот заминува од Доха – од 2019 година има нов домаќин

После девет години играње во Доха во Катар, најдобрите тимови од целиот свет од следната година ќе се собираат во Саудиска Арабија. Договорот е веќе потпишан, па од 2019 до 2022 година натпреварите од Супер Глоуб турнирот ќе се играат во Саудиска Арабија, а дали тоа ќе биде во Ријад или во некој друг град ќе биде познато дополнително.

Од ИХФ велат дека се импресионирани од условите кои биле понудени од страна на Саудиска Арабија и најавуваат дека ќе имаат одлични четири турнири во следните години. Веруваат дека ќе имаат одлични услови за одигрување на натпреварите, но и за сите кои ќе бидат дел од овој турнир кој првпат ќе се одржи во оваа земја на почетокот на следната сезона.

Супер Глоуб турнирот следната година ќе го има своето 12. издание. Првото беше во 1997 година во Австрија. Потоа во 2002 година натпреварите се играа во Катар, а во 2007 година во Каиро. Од 2010 година Супер Глоуб турнирот почна да се одржува редовно и постојано домаќин беше Катар, а средбите се играа во Доха.

Како што е веќе познато Вардар играше на овој турнир минатата година и заврши на 3. позиција.