Супер Глоуб: Вардарци во потера на Ал Сад и на 150.000 долари

Ракометарите на Вардар не успеаја да се пласираат во финалето на Супер Глоуб, откако загубија од Барселона, која им се одмазди за поразот во Келн, па ќе мораат да се задоволат само со битката за бронзата и 150.000 американски долари против катарскиот Ал Сад.

Овој тим е практично домаќин на Супер Глоуб и игра на домашен терен. Своевремено во овој дрес кратки авантури имаа и Кире Лазаров, Никола Карабатиќ, Ивано Балиќ, Карлос Перез, Ренато Вугринец, Петар Метличиќ, Ратко Николиќ, Мирко Алиловиќ и многу други. Но, откако се заострени критеирумите веќе нема инстант ангажмани за два, три или четири натпревари во катарските клубови, па таму играат се помалку играчи од Европа.

Сега најпознат играч е голманот Данијел Шариќ, а тука се Борха Видал и Марио Томиќ, останатите се домашни ракометари. Вардар е фаворит на овој дуел, но треба да се земе предвид дека никогаш не е лесно да се игра против тимови од друг континент. Раул Гонзалес веројатно нема да ексериментира со составот и шанса ќе добијат истите ракометари од претходните дуели. Мечот започнува во 16 часот.