Струмички Астраион дојде во Скопје и му зема бод на Аеродром

Аеродром и Астраион одиграа ефикасен и неизвесен дуел во Автокоманда кој на крајот финишираше со резултат 28:28. Гледачите имаа можност да видат интересен ракомет исполнет со напаѓачка игра и многу голови, но и пресврти.

Првото полувреме почна израмнето. Двете екипи ги користеа своите шанси што доведе до постојанапромена во водството, но, сепак, домаќинот покажа поголема енергија и првиот дел го доби со 15:12. Астраион, не се откажа и продолжи до самиот крај да се бори за бодови.

За момент во вториот дел, гостите се соочија и со пет гола негатива, но и од ова се извадија благодарение на неискуството на аеродромци кои испуштија голема предност.

Астраион, пак, во финишот успеа да го најде лекот за својот противникот и да дојде до бод. Домашните имаа два гола позитива, но и двајца исклучени ракометари, што беше искористено од страна на гостите кои на крајот се задоволија со нерешен резултат.

Бојан Спасовски беше најдобар стелец на Аеродром со осум гола, а седум беа дело на Благоја Антевски. Кај гостинот, добра партија имаа Стојан Стојанов кој даде шест гола и Филип Кавазов кој беше стрелец на пет. На табелата, Астраион остана прв во плеј – аутот и има 19 поени. Веднаш зад него е Младост Богданци кој има 18 поени.