Струмица со пораз се прости од Струга 2015

Саботното попладне во Струга беше резервирано за мечот за трето место. Временските услови беа единствената причина спортската сала „Нико Нестор“, веројатно за последен пат, да биде домаќин на вториот меч од финалниот ден на 43-от интернационален ракометен турнир „Струга 2015“.

Португалската екипа Бенфика беше подобра од македонскиот претставник Струмица со конечен резултат 27-31 и ја освои бронзата на овој турнир.

Почетните 15 минути од натпреварот изминаа во изедначена битка, а на двете страни се постигнаа по седум погодоци. Во наредните две минути, Струмичани преку Чизмовиќ и Чантурија ја создадоа првата разлика ид два погодока за 9-7, но  толкав период им беше потребен и на Португалците да го изедначат резултатот и да ја задржат неизвесноста на натпреварот. По подеднакво сценарио се одвиваше средината на првиот дел, „рисовите“ постојано ја имаа контролата врз резулатот, но ракометарите на Бенфика не дозволија повисока разлика од два гола. Во 25-та минута при изедначен резултат 12-12 одличниот Семедо го обезбеди првото водство за португалскиот состав, 12-13, а веќе во наредната минута Аранда постигна прв погодок за 12-14.

Највисоките три голови предност ракометарите на Бенфика, ги имаа во самата завршница на првото полувреме, за конечни 13-16.

Вториот дел продолжи со исто темпо како и финишот на првиот дел, Португалците по пет минути игра имаа шест голови предност, која најмногу достигна до седум погодоци, 17-24, во 42-та минута. Струмичани во 54-та минута успеаа да намалат три голови од високата негатива, што беше недоволно за победа. По шеесет минути португалците ја обезбедија втората победа на Струга 2015 со резултат 27-31.

РК СТРУМИЦА 27-31 БЕНФИКА (13-16)

РК СТРУМИЦА: Младеновски 1, Пецаковски 1, Милосавлјевиќ 1, Соколов 3, Димитријески 2, Босеовски 1, Чантурија 7, Чизмовиќ 4, Везенковски 2, Куленовиќ 4, Маиќ 1; Трајковски 13 одбрани

БЕНФИКА: Бораган 3, Феро 2, Переира 1, Паиш 2, Мореира 3, Морено 2, Да Силва 5, Аранда 1, Семедо 7, Рибеиро 4, Фортеш 2; Фигеира 9 одбрани, Митрески 6 одбрани