Струмица со нов СЕХА пораз за крај на календарската година

Македонскиот вицешампион, Макс Струмица во рамките на 16-то коло во регионалната лига, го пречека српскиот вицепрвак Спартак Војпут во Скопје. Струмичани по одличните први триесет минути не успеаа да ја обезбедат првата победа во СЕХА лигата и календарската година ја завршуваат со два нерешени дуели и дванаесет порази. Тринаесет минути во вториот дел го одлучија победникот на овој меч, кој заврши со конечнен резултат 23-31.

SEHA (rakomet) Maks Strumica-Spartak Vojput-7244

Гостите први го отворија резултатот, но Струмица возврати и со двата погодока на Славиша Димитријески го презема водството и контролата над играта. Соколов во продолжение на натпреварот постигна два гола за предност на Макс Струмица од 4-1. Средината на првиот дел помина во израмнета игра што резултираше со 11-8 во 20-та минута. Во наредниот период Струмица постигна три погодоци, а Спартак Војпут само еден за највисоко водство на домаќините од 14-9. Високата предност струмичките „рисови“ ја задржаа до самиот крај, но во последниот напад на првиот дел Дистол беше побрз од звукот на сирената за конечни 16-12.

SEHA (rakomet) Maks Strumica-Spartak Vojput-7185

Пет минути во вториот дел беа доволни за Спартак Војпут целосно да се врати во игра. Полувремето започна со погодок на обете страни, но во продолжение на натпреварот гостите со серија од десет голови создадоа предност од 17-22 во 44-та минута. Цели 13 минути ракометарите на Макс Струмица немаа постигнато гол, што беше причина за новиот пораз во регионалното натпреварување. Во 49-та минута Спартак Војпут ја забележа високата предност од седум голови (18-25). Кога веќе се распадна играта на македонскиот вицепрвак, српските ракометари мирно го привршија мечот, а Ракочија стави точка на овој меч за највисоки  23-31.

Најпрецизен во екипата на Спартак Војпут беше Љубојевиќ со десет погодоци, а Жупанац и Перовиќ постигнаа по четири. Кај Макс Струмица Милосављевиќ се запиша седум пати во листата на стрелци додека Соколов, Димитријески, Атанасов и Чантурија погодија по три пати.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ