Стружани во новата сезона по стабилност и опстанок во Супер лигата

Екипата која преку баражот против Металург 2 стигна до местото во Супер лигата, Струга во текот на летото создаде тим со кој ќе се обиде да дојде до што е можно подобар резултат во новата сезона. Во текот на минатата сезона во клубот се врати еден од најдобрите ракометари кои Македонија некогаш ги имала, Наум Мојсовски, кој откако ја заврши играчката кариера се реши да го преземе водењето на клубот каде ги направи првите чекори во кариерата.

Екипата во новата сезона е предводена од тренерот Андон Бошковски кој имаше можност со ракометарите да учествува на два турнири вели дека целта во оваа сезона е клубот да ја добие потребната стабилност во лигата, а потоа ќе се размислува за она што ќе следува понатаму.

„После неколку години Струга одново ќе има суперлигашки ракомет. Откако екипата ја презеде Наум Мојсовски клубот тргна амбициозно и после 3-4 месеци се виде добрата енергија и екипата се доведе во плус. Некаде во февруари почнавме со начелни разговори, а потоа во април почнавме да се договараме. Имаше желба за соработка во овој проект со кој сакаме да го стабилизираме и клубот, но и Струшкиот турнир кој е белег на овој град, кој во најдобрите години на македонскиот ракомет даваше најголем број на репрезентативци“, вели Бошковски.

Тој е презадоволен што има можност да соработува со поранешниот репрезентативец на Македонија.

„Претседателот на клубот, Наум Мојсовски е првиот кој својот бизнис го насочи кон спортот во градот откаде што потекнува. Тој вложува во клубот каде што ја почна кариерата и ова е голема придобивка и за градот, но и за македонскиот ракомет воопшто“.

Во исто време тренерот на Струга извршува и функција селектор на Грузија откаде што дојдоа и двајца репрезентативци.

„Кога се договаравме со Мојсовски морав да ја информирам и Ракометната федерација на Грузија и тие го прифатија предлогот да работам и како тренер во Струга, а се договоривме да имам и двајца репрезентативци во екипата. Во Струга имаме и млади ракометари пред кои е убава иднина. Летово дојдоа Дарио Петровски и Ненад Костески, а во екипата веќе беа и Кузмановски, Крстаноски, Мемед, Барлакоски, Хаџидимов… Дојдоа и Кизиќ и Трпчевски кои се исто така млади играчи и направивме еден состав во кој имаме поголем број на млади ракометари и еден искусен голман во Стојаноски кој веќе играл средби од Супер лигата, со кои сметам дека ќе немаме проблеми за да обезбедиме опстанок. Рано е да говориме за нешто повеќе, но доколку ни се укаже шанса тогаш сигурно ќе нападнеме и за некоја позиција погоре на табелата“.

Клубот покажува стабилност, а веќе потврди дека цели високо и на организациски план што можеше да се види и со организацијата на Струшкиот турнир каде имаше голем број на квалитетни екипи кои играат во Лигата на шампионите и во Купот на ЕХФ.

„Организациски клубот оди напред постојано и покажува дека станува сериозен клуб. Во тимот платите се исплаќаат навреме, сè е според предвиденото. Во Европа ова е нормална работа. Затоа ги имаме сите предуслови и останува да го покажеме најдоброто на теренот. Сигурно не може да очекуваме најдобра игра на стартот и формата ќе се крева како ќе одминува времето, но се надевам дека некаде каде ќе одиграме можеби и лошо ќе успееме да дојдеме до победа. Важно е сите да бидеме како еден и да ја одржуваме потребната енергија на ниво“.

Според Бошковски има неколку екипи кои влегуваат како фаворити за местата кои водат во плеј-офот. Нив им дава предност на стартот од сезоната.

„Е. Работник, Пелистер, Пролет се екипи кои и годинава се кандидати за плеј-офот. Пелистер донесе многу нови ракометари од страна, но ова е клуб со традиција и со верна публика. Има голема историја и само име на клубот значи многу за македонскиот ракомет. Охрид никако не смее да се стави во втор план. Горан Андоноски е тренер кој знае да одбере македонски играчи што знаат да играат во Супер лигата и затоа сигурно може да се вмеша во горниот дел. Бутел Скопје е нов тим во Супер лигата, но е посилен од лани, па тоа е списокот на клубовите кои ќе конкурираат за горниот дел. Другите ќе се борат за бегство од опасната зона. Секако оние што најдобро ќе работат може да се надеваат и на најдобар резултат“, коментираше Бошковски за 24 Ракомет.

Стружани својата нова суперлигашка приказна ја почнуваат во Велес кај тимот на Борец, а потоа следуваат средби со Вардар јуниор и со Радовиш.

РАСПОРЕД ЗА ПРВИТЕ ПЕТ КОЛА

15/16.09.2018

БОРЕЦ  – СТРУГА

22/23.09.2018

СТРУГА – ВАРДАР ЈУНИОР

29/30.09.2018

РАДОВИШ – СТРУГА

06/07.10.2018

Е. РАБОТНИК – СТРУГА

13/14.10.2018

СТРУГА – ПРИЛЕП