СТРУГА 2017: Трајкоски му донесе на Охрид сензационална победа над Алингсас

Ракометарите на Охрид славеа сензационална победа над шведскиот вицепрвак Алингсас во вториот натпревар од третиот натпреваручки ден на 45. издание на турнирот во Струга. Избраниците на Горан Андоновски со одлична игра во текот на сите 60 минути, го победија скандинавскиот тим со 28:27, но најголема заслуга за тоа има голманот Благојче Трајкоски кој имаше 11 интервенции.

На стартот на натпреварот беше 1:1 и 2:2, пред македонскиот тим да поведе со 2:4. Водеа „гладијаторите“ и со 4:6, но жилавиот шведски тим се врати на 6:6. Играта гол за гол продолжи до 13:13, но во финишот на првиот дел Охрид направи солидна залиха од 13:16, иако на пауза заминаа само со плус 2, 14:16.

Во вториот дел Охрид водеше и 15:17, но Алингсас направи пресврт и поведе со 19:18. Бирдаихиќ донесе реми, 20:20 и се мораше да почне одново. До 46 минута се играше гол за гол, 23:23. Клучната предност беше направена по 53 минута и 25:25, кога охриѓани со 2 гола по ред поведоа со 27:25 и успешно ја одржаа разликата, за конечни 28:27.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Лазар Адамовиќ со 6 голови, а Марко Кобетиќ даде 5, додека кај Алингсас Флодман се истакна 8, додека Андреас Берг постигна 7. Противник на Охрид во борбата за третото место на турнирот во Струга ќе биде тимот на Металург.