СТРУГА 2017: Металург го доби македонското дерби за трето место

Металург го освои третото место на 45. интернационален турнир во Струга. Во натпревар за бронзениот медал, македонскиот вицепрвак беше поуспешен од составот на Охрид со 28-33, во вториот натпревар на денешната финална програма.

Уште од самиот почеток Металург ја презема иницијативата и по првите пет минути умаше предност од 1-4. Сепак Охриѓани на крилата на одличниот голман Трајковски се вратија комплетно во игра, а во 16. минута за прв пат го изедначија резултатот на 7-7.  Металург веднаш возврати бргу се врати на пристојна разлика од +4 (9-13). Следуваа драматични и возбудливи минути во кои Червар експериментираше со играта „седум на шест“, а тоа составот на Металург го чинеше изедначување на резултатот на 15-15. Во првиот дел голманот Благојче Трајковски постигна три погодоци, а со оној во вториот дел беше меѓу најпрецизните на теренот.

Во првите пет минути од вториот дел продолжи неизвесноста, но ракометарите на Червар во две минути со низа од четири гола ја вратија високата разлика од 17-21, а во 42та минута имаа и највисоки +6 19-25. Ниту тоа не беше доволно за мирен финиш, составот на Андоновски повторно покажа дека од година во година напредува и до 49та минута комплетно се врати во натпреварот, на негатива од само 1 гол за 25-26.

Недостигаа сили за нешто повеќе, охриѓани беа на чекор зад Металург но ниту еднаш не дојдоа до израмнување. Затоа следуваше серија на Металург за мирна завршница и победа на Металург од 28-33.

Најпрецизен во составот на Металург е Божо Анѓелиќ со 7 погодоци, а го следеше Илиќ со 6. Во Охрид листата стрелци ја предводеа Кљаиќ и Димитриевски со по 5 погодоци, додека голманот Трајковски ги следеше со 4.