СТРУГА 2017: Металург без мака против домаќинот, ќе игра за трето место

Ракометарите на Металург славеа лесна победа над домаќинот Струга со 43-11 во првиот натпревар од третиот ден на 45. издание на традиционалниот турнир.

Тимот од Автокоманда отвори со водство од 4:0, но домашните ракометари вратија со серија од 3 голови за 4:3. Металург врати за 6:3, Струга намали на 6:4, пред да почнат да грешат во нападот и да овозможат лесни голови преку Димитриоски и Серафимов за огромна предност од 21:7 по првото полувреме.

Иста слика на теренот имаше и во вториот дел па со серијата од 9:3, Металург стигна и до плус 20, 30:10, во 45 минута. Дрогришки зголеми на 31:10 во 46 минута. Во самиот финиш комплетно се распадна играта на домаќинот, кој последниот гол го постигна во 47та минута, затоа Металург ја продолжи својата низа и до крајот серијата од 12 голови им донесе висок триумф со конечни  43:11.

Најдобар стрелец во победничката екипа беше Мартин Серафимов со 7 голови, колку што постигна и Димитриоски, додека Шилегов и Арсеновски ги следеа со по 5. Одлични на голот беа чуварите на мрежата на младинскиот национален состав, Томовски и Даниловски кои забележаа вкупно 20 одбрани. Кај Струга најдобри стрелци беа Бајрамовски и Нацев, со по 3 погодоци.

По оваа победа Металург ќе игра со подобриот од мечот меѓу Охрид и Алингсас за трето место, а Струга ќе се соочи со поразениот од истиот дуел во борба за петто место.