Започнува четиридневното ракометно уживање на „СТРУГА 2017“

Вечерва сите ракометни патишта водат кон Струга. Со почеток во 18 часот и 30 минути свечено ќе биде отворено 45. издание на Интернационалниот ракометен турнир Струга 2017. Иако европскиот шампион Вардар нема да настапи на турнирот, Струга како град домаќин како и многупати досега ќе приреди четиридневно ракометно уживање за сите љубители на овој спорт. Екипата на македонскиот ракометен бренд Металург ќе ја брани честа на македонскиот ракомет заедно со Охрид и домаќинот РК Струга во конкуренција на турскиот шампион Бешикташ (Турција), Шарт (Франција) и Алингсас (Шведска).

Бранител на титулата е францускиот прволигаш Шарт кој минатата сезона по возбудливото финале против Металург и изведувањето на пенал-рулетот беше посреќен и дојде до трофејот.

Веќе традиционално домашната екипа го отвора турнирот, но овојпат амбициозниот состав на Струга нема да одигра само ревијален меч туку ќе биде дел од натпреварувачката програма. Свеченото отворање на кое се најавени бројни гости од македонскиот ракометен свет на чело со претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов ќе започне во 18,30 часот. Домашната публика ќе има можност да ги поздрави своите миленици во првиот дуел од натпреварувачката програма меѓу актуелниот шампион Шарт и Струга. Дуел што ќе биде увертира за дерби натпреварот меѓу Бешикташ и Алингсас, кој ќе ја затвори денешната програма, а е закажан со почеток од 21,15 часот.

Распоред на натпрвари, Струга 2017:

12 август
18:45 Свечено отворање
19:30 Шарт – Струга
21:15 Бешикташ – Алингсас

13 август
19:00 Бешикташ – Охрид
20:45 Металург – Шарт

14 август
19:00 Металург – Струга
20:45 Алингсас – Охрид

15 август
18:00 меч за петто место 
19:45 меч за трето место
21:30 финале