Струга застана зад Мукаетов

Откако Охрид, Тинекс Пролет и Прилеп, искажаа задоволство од работата на првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, нова јавна поддршка пристигнува и од Струга.
Екипата која во моментов настапува во Првата македонска лига, отсекогаш била расадник на голем број ракометни таленти, а бројни младински и сениорски репрезентативци своите почетоци ги имале токму во РК Струга.
Еден од виновниците за традицијата која ја негува ракометот во Струга, претседателот на клубот, господинот Сашо Србиноски почуствува потреба јавно да го искаже своето мислење и ставот на клубот по најавите на претседателот на Федерацијата за напуштање на раководната функција.
24Ракомет во целост ви го пренесува соопштението на стружани:

Почитуван Г-дин Мукаетов,

Ракометниот клуб СТРУГА – Струга, клуб со богата историја и традиција, ракометен клуб кој оставил и остава голема и неизбришлива трага во Македонскиот ракомет, клуб од кој потекнуваат голем број репрезентативци, клуб кој е носител на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир Струга, чувствуваме потреба јавно да Ви се обратиме во овие тешки моменти за Македонскиот ракомет, во атмосфера на големо разочарување по неуспехот на Македонската сениорска репрезентација на квалификациониот турнир за ЛОИ кој се одржа во Гдањск!

Општ впечаток и непобитен факт е дека со доаѓањето на чело на РФМ многу работи од организационен, финансиски, како и на стручен план во Македонскиот ракомет се подобрени или постепено се подобруваат.

Доказ за тоа е неодамнешниот успех на младата репрезентација, изјавите на сениорските репрезентативци, како и љубителите и фановите на ракометот и спортот воопшто, кои со посебно внимание и љубов го следат нашиот најтрофеен спорт.

Федерациите од другите спортови би биле пресреќни барем да се приближат до високото организационо ниво како и до успесите кои ги бележи РФМ под Ваше водство.

Не дозволувајте еден неуспех да направи катаклизма со несогледливи последици во Македонскиот ракомет.

Од тие причини, најискрено Ве молиме и понатаму да останете на чело на РФМ и да продолжите да ја остварувате програмата која сте ја зацртале, програмата која во сегашно време носи успех и просперитет, а на идните генерации им обезбедува сигурен развој и трасиран пат до поголеми успеси на Македонскиот ракомет.

Struga soopstenie