Стојаноски го одбрани Охрид

Ракометарите на Охрид ја забележаа третата победа во серија во Суперлигата, откако славеа над Прилеп со 30:28. По поразот од Пролет, тимот на Горан Андоновски ги победи Металург 2, Борец на гости и денеска во СРЦ „Билјанини Извори“ составот на Прилеп, кој и покрај тоа што играше без тројца ракометари Бозароски, Стоилов и Петкоски, даде одличен отпор.

Гостите отворија со 1:4 преку Јанчев, Ѓорѓиоски и Шокоски. Домашните се вратија во игра на 7:7, а се играше гол за гол до 10:10. Нов бран на прилепчани и водство од 10:12, пред на голот да застане Александар Стојаноски и Охрид со серија од 4 голови, поведе со 14:12, а до крајот на полувремето разликата се зголеми на 4, 17:13.

Одличната партија на голманот на Охрид продолжи и во вториот дел домашните имаа во два наврати 24:15, 25:16, а до крајот на мечот добија шанса младите ракометари во тимот на Андоновски  па гостите го искористија тоа да намалат само на 2, 30:28.

Одлична партија имаше подзаборавениот голман на домашните, Стојаноски со 12 интервенции, додека Блажески беше најдобар стрелец со 9 голови, а Кљаиќ и Димитријески стрелаа по 5 пати. Во Прилеп се истакнаа Јанчев со 8 и Тренчевски со 7 голови.

Фото: ohridnews.com