Стоилов: Ние го победивме најдобриот тим во светот, сега Веспрем нека мисли за нас

Капитенот Стојанче Стоилов денеска уште еднаш ги предводеше своите колеги на теренот и вели дека она што се случило во првиот дел од мечот било неправедно и дека нивното искуство и квалитет морало да излезе на површина.

„Ние знаеме навистина дека можеме да се вратиме. Во екипата имаме играчи кои знаат да повлечат, да одиграме брзо… Седумте гола разлика на полувреме беа неправедни. Промашувавме од чисти позиции, петпати шутнавме во пречка и во статива, а во второто полувреме одигравме гол за гол и притискавме и на крајот ни се отвори шанса за победа која ја искористивме“, рече Стоилов.

Откако беше обезбеден триумф над Барселона сега е јасно дека ќе биде поинаку против Веспрем и таму противникот ќе гледа своја шанса за успех, но и Вардар има свои сметки.

„Го победивме најдобриот тим во светот, Барселона. Затоа сега Веспрем треба да мисли за нас,а не ние за нив. Веспрем има поголем ростер, но еден натпревар е. Колку и да си изморен во 60 минути можеш да вложиш максимум, а потоа ќе има време за одмор“, коментираше капитенот на Вардар.