Стоилов: На добра патека сме, но не смееме да се опуштаме!

Во пресрет на вистинските возбудувања во Лигата на шампионите, на македонскиот првак Вардар му преостанува да одигра натпревар од СЕХА лигата против босанскиот претставник Извиѓач. Натпреварот ќе се одигра во среда со почеток од 20:30 во спортскиот центар „Јане Сандански“. Релативно лесен противник против кого „црвено-црните“ имаат можност да ги одморат клучните играчи и да им овозможат на помладите ракометари да се докажат и наметнат во иднина.

По тој повод македонскиот првак одржа редовна прес-конференција пред дуелот од регионалното натпреварување против Извиѓач.

Раул Гонзалес, тренер на РК Вардар Скопје:

Во среда играме нов дуел од СЕХА лига, против Извиѓач. Вчера не трениравме имавме мал одмор, затоа не знам во каква состојба ќе бидат играчите, но мислам дека сите ќе бидат подготвени. Вардар е фаворит, но мораме секогаш да играм 100%, мораме да играме добро и да го искористиме натпреварот за да се уиграме. Тие имаат добри играчи, но ние сме поквалитетни.

Стојанче Стоилов, ракометар на РК Вардар Скопје:

Се наоѓаме во одлична позиција како во Лигата на шампионите така и во СЕХА лигата. Играчите се мотивирани и во соблекувалната владее убава атмосфера. Против Извиѓач играме во среда, ние сме фаворити, но не треба да се опуштаме бидејќи за четири дена ни следува нов предизвик во Лигата на шампионите. На добра патека сме, се надевам дека така ќе продолжиме.

ФОТО: Денис Дуковски, РК Вардар