Стоилов и Милосављев го однесоа Вардар во седмото финале во СЕХА

Вардар забележа голема победа во Брест и со 25:23 се избори за седмото финале во СЕХА-лигата и утревечер од 19 часот против ППД Загреб ќе се бори за петтата круна во регионалното натпреварување. Денеска „црвено-црните“ одиграа тактички одлично и во секој момент знаеја што сакаат така што на крајот се изборија за триумф кој им овозможи да го повторат ланското финале. Голманот Дејан Милосављев со 15 одбрани и Стојанче Стоилов со 7 од 7 беа убедливо најдобрите и ги водеа своите колеги до оваа голема победа.

Почетокот на средбата мина во менување во водство на двете екипи. Вардар ги доби првите неколку минути, а потоа следуваше игра во која Мешков Брест успеа да го сврти мечот во своја корист. Сепак, во 20. минута дојде до ново враќање во преднсот на Вардар кога поведе првпат со три гола и имаше 9:6. До крајот на првото полувреме се стигна и до плус четири, па на одмор „црвено-црните“ имаа 14:10.

Вториот дел од средбата не почна како што посакуваше Парондо. Ракометарите не тргнаа најдобро. Предноста од четири гола почнаа брзо да ја губат. За четири минути Мешков намали на два разлика, а кризата во нападот на Вардар допринесе за нема ново зголемување на предноста туку до 40 минута да останат два гола разлика и резултатот да биде 17:15.

Иако имаше добри моменти во нападот, а Скубе главно успеваше лесно да дојде до шест метри или Стоилов да бие од своја позиција, сепак, можеше да се забележи дека има одредена криза во нападот. Тоа резултираше со израмнување во 44. минута кога резултатот беше израмнет на 17:17. Оттука тргна големо надигрување. Мешков Брест првпат поведе во второто полувреме во 46. минута со 19:18. Тука Вардар се соочи со проблеми поради тоа што мораше да брка резултат. Сепак, не дозволи Мешков да отиде на плус два. Разликата остана еден гол и Вардар постојано израмнуваше.

Во 52. минута при нерешени 21:21 Вардар дојде во позиција одново да поведе. Тука се случи најнекоректниот момент во текот на целата средба кога Шумак стартуваше грубо над Карачиќ. Со раката удри директно во лицето на ракометарот на Вардар, па кај судиите немаше размислување и веднаш покажаа црвен картон.

Карачиќ за само неколку секунди го донесе новото водство за Вардар од 22:21, а потоа откако беше пресечена една топка Шишкарев имаше лесна задача да реализира во празниот гол. Донесе 23:21, а потоа следуваа две одлични одбрани од Милосављев и Пешиќ. До крајот имаше неколку чудни одлуки на судиите, особено откако место прекршок над Стоилов досудија пробивање од Скубе, а потоа две минути за Кристопанс. Сепак, Мешков Брест не искористи ваков подарок и дојде до грешка во додавање, а во следниот напад Карачиќ пресуди и стави точка на оваа средба.

ВАРДАР – МЕШКОВ БРЕСТ         25:23 (14:10)

ВАРДАР: Милосављев (14 одб., 1 сед.), Гедбан, Стоилов 7/7, Поповски, Кристопанс 5/9, Мораеш, Дисингер 1/4, Карачиќ 3/5, Скубе 2/4, Калараш 1/2, Чупиќ 3/4, Дибиров 2/3, Горбок, Шишкарев 1/1, Војводиќ, Кисељев.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ (11 одб.), Чарапенка, Кулак 1/2, Бачко, Јуринок 2/2, Потеко 0/2, Ивиќ 1/3, Шумак 1/1, Баранау 3/5, Хорак 2/2, Разгор 2/4, Обрановиќ 3/7, Селвијаскјук 1/1, Ѓукиќ 2/3, Ѓорѓиќ 3/8, Шилович 2/3.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.