Стиви ја одведе Хрватска во Рио!

Првиот учесник на Олимписките игри од Хернинг е репрезентацијата на Хрватска. Хрватите со импресивна игра вечерва го поразија составот на Норвешка со 27-21 и обезбедија пласман на најголемиот спортски настан.

Фантастичниот голман на Хрватска Стевановиќ ги откажа забревтаните Норвежани кои со нерешениот резултат против Данска собираа самодоверба за одлучувачкиот меч. Но популарниот Стиви со извонредни 11 одбрани од 15 обиди на Норвешка во првите 20 минути им овозможи на коцкестите предност од високи 13-4. Норвежаните до крајот на првиот дел го подобрија впечатокот и застанаа на -7 или 14-7 по првите триесет минути.

Вториот дел продолжи со игра гол за гол, во која Хрватите ги задржаа високите седум погодоци до самиот крај. Звукот на сирената го означи крајот на натпреварот, а на семафорот остана забележан резултатот 27-21 за големо славје на хрватските репрезентативци.

Најпрецизен во составот на Хрватска беше Дувњак со шест, додека Бунтиќ и Шебетиќ постигнаа по пет погодоци. Кај Норвешка, Јондал постигна шест, додека Бјорнсен имаше пет погодоци зад своето име.

Ова ќе бидат петти Олимписки игри за Хрватска од кои имаат две златни медали и еден бронзен медал, оној од последните игри во Лондон 2012.